НОВОСТИ

НОВОСТИ

Дуалното образование од експериментален ќе стане системски концепт

Дуалното образование треба да ја усогласи големата разлика што сега постои меѓу кадарот на располагање и реалната потреба на економијата.

Во соработка со компании тоа веќе постои како експериментален проект во средни училишта во пет општини  и опфаќа околу 200 ученици, но идејата е да стане системски и составен дел од средното стручно образование, ова беше истакнато на трибина за предизвиците и идните чекори во дуалното образование. Искуствата се земаат од развиените земји, како Австрија, Германија, Швајцарија, но тие ќе се приспособат во модел соодветен на нашите услови и потреби.

Учениците ќе бидат вработени во компании уште додека се школуваат – ќе имаат одредени денови во седмицата кога во средните стручни училишта ќе следат теоретска настава, а во останатите денови практично ќе се едуцираат во компаниите. За разлика од развиените земји каде што во дуалното образование се вклучени цели паралелки, во нашиот, приспособен модел паралелките ќе бидат мешани и во секој град точно ќе се детектира какви се потребите на секоја компанија. Ученикот ќе учи и ќе работи во исто време и во периодот на учењето ќе добива плата што законски ќе биде регулирана и ќе биде здравствено и пензиско осигурен.

Концептот дуално образование кај нас се применува од 2017 година кога во соработка со „ЕВН Македонија“ во средното скопско училиште „Михајло Пупин“ е отворена паралелка, а наредната 2018 се прошири во други општини со други компании-партнери. Министерот за образование и наука Арбер Адеми соопшти дека следната учебна година ќе бидат опфатени околу 300 ученици во училишта во кои ќе се промовира дуалното образование.

Според податоците од Агенцијата за вработување,  58 отсто од новите планирани  работни места се наменети токму за лица со средно образование. Се очекува дека средните стручни училишта ќе бидат привлечни за полуматурантите кои ќе се запишуваат за две недели. Со Конкурсот за 2019/2020 година, половина, односно 18.000 места, се слободни за стручните училишта.